Економски Факултет - Скопје

Економскиот факултет во Скопје во состав на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” е најстариот факултет од областа на економијата и бизнисот во Македонија. Тој е основан на 14.11.1950 година со Одлука на Владата на Македонија “со цел теоретски да се изградуваат и практично да се подготвуваат висококвалификувани економски кадри”. Економскиот факултет е основан како петти факултет во рамките на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, додека во поранешна Југославија бил меѓу првите три економски факултети. Во 1951 година, Факултетот беше преименуван во Правно-економски факултет со два отсека – Правен и Економски, а од 1956 година Економскиот факултет повторно работи како самостојна институција.

Денес, Економскиот факултет е модерна образовна и научно-истражувачка институција, која нуди современи додипломски, постдипломски и докторски студии, се одликува со врвен наставен кадар и се располага со софистицирана опрема. Истовремено, Факултетот е најголемата високообразовна институција од областа на економијата и бизнисот во Македонија, со околу 4 500 студенти, седум департмани на додипломски студии и девет студиуми на постдипломски студии, 126 предмети и 74 академски кадар (45 професори и 28 асистенти).

Економскиот факултет е најголема образовна и истражувачка институција во Македонија од областа на економијата и бизнисот. Во текот на 60-годишното постоење, факултетот развил извонредно богата дејност во неколку области:

  • - Додипломски студии (прв циклус студии)
  • - Постдипломски студии (втор циклус студии)
  • - Докторски студии (трет циклус студии)
  • - Научно-истражувачка работа (фундаментални, развојни и применети домашни и меѓународни проекти)
  • - Издавачка дејност (учебници, зборници на трудови, монографии, научни и стручни книги итн.)

 Мисија

Континуирано образование на високостручен кадар, способен компетентно да решава проблеми, да им излегува во пресрет на предизвиците на новиот милениум и да ја зајакнува конкурентноста на претпријатијата на меѓународно ниво преку високо квалитетни програми од бизнис и економија.

 Суштински вредности

Во извршувањето на сопствената дејност, Факултетот тргнува од следниве суштински вредности:

  • - Висок квалитет во наставата и истражувачките активности
  • - Постојано иновирање на наставниот план и предметните програми
  • - Следење на промените и потребите на приватниот и јавниот сектор
  • - Поттикнување на иновативноста и флексибилноста во наставата
  • - Почитување на високите етички норми
  • - Градење стимулативна атмосфера за индивидуален професионален развој и  поттикнување на тимската работа
  • Употреба на најсовремена наставна техника во наставата
  • Обезбедување ефикасна и одговорна администрација во интерес на потребите на студентите
  • Изградување сопствена пазарна препознатливост во земјата и во странство
  • Слобода на креативноста и критички однос кон општествените процеси
  • Обезбедување мултикултурно милје, со почитување на различностите.

Повеќе за Економскиот Факултет на нивната веб страна www.eccf.ukim.edu.mk